Каков сигнал праќаат зголемените кредити и депозити

Bez autora
May 23 2024

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 9,3 отсто, поради повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.

А вкупните кредити, на годишна основа, бележат раст од 6,8 отсто, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, кое е поизразено кај секторот „домаќинства“.

Официјалните бројки велат дека во четвртиот месец од годинава депозитите бележат раст од 1,3 процент, кој произлегува исклучиво од домаќинствата, затоа што кај корпоративниот сектор има намалување. Или, вкупните депозити изнесуваат 538.272 милиони денари, односно 8,74 милијарди евра, од кои од граѓаните се доверени 364.385 милиони денари (5,91 милијарди евра), а од компаниите 148.738 милиони денари (2,41 милијарди евра).

Состојбата кај вкупните кредити е 454.676 милиони денари или 7,38 милијарди евра. Делот на корпоративниот сектор е 218.599 милиони денари (3,54 милијарди евра), а на домаќинствата 233.454 милиони денари (3,79 милијарди евра). Месечното зголемување кај вкупните кредити е за 1,2 отсто.

Штедачките навики на домаќинствата во април ги зголемиле депозитите во овој сектор за 2,7 отсто. Таквата промена во најголем дел е базирана на растот на депозитните пари. Годишното нагорно поместување, пак, е за 10,8 отсто, а тука влијание имаат и долгорочните депозити.
Задолжувањето на граѓаните има месечен раст од 0,5, а годишен од 7 отсто. И натаму најбарани се потрошувачките и станбените кредити, каде што во однос на март има зголемување од еден процент. Конкретно, состојбата кај потрошувачките кредити е 121.001 милион денари (1,96 милијарда евра), а годишната промена е за 6,3 отсто. Одобрените станбени кредити се во вкупен износ од 86.371 милион денари (1,4 милијарда евра), со годишно зголемување од 10,9 отсто.

Во април повеќе се купувале автомобили, па кредитите по оваа основа се поголеми за 1,5 на месечно, а 17,1 проценти на годишно ниво.

Меѓутоа, намалено е задолжувањето преку кредитните картички – месечното за еден, годишното за 7,5 отсто. Истиот тренд е забележан и кај негативните салда на тековните сметки, со месечен пад од 11,5 и годишен од 6,3 отсто. Но, и кај кредитите одобрени врз други основи, кои се пониски за 1,5 на месечна и за 20,7 проценти на годишна основа.

Кај корпоративниот сектор во април е евидентиран пад на депозитите од 1,3 отсто и раст на кредитите за два отсто. Причината за пониските депозити е лоцирана кај падот на краткорочните депозити во странска валута и на депозитните пари. Инаку, има годишен раст од 8 проценти.

Што се однесува на кредитирањето, зголемувањето се должи на повеќето побарани и одобрени кредити, меѓу кои денарските предничат пред девизните. Всушност, и годишниот раст од 6,6 отсто во целост произлегува од зголемените кредити во денари.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik